Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на денешната прес-конференција во Бејрут апелираше да се изврши притисок врз израелската Влада и либанското движење Хезболах да го прифатат американскиот предлог за прекин на огнот.

За да се постигне примирје помеѓу Израел и Хезболах потребно е да се имплементира резолуцијата 1701 на Обединети нации, според која либанската армија треба да се распореди во јужен Либан и да се консолидира нејзиното присуство во пограничната област. Според Резолуцијата 1701 Хезболах треба да се повлече северно од реката Литани на околу 30 километри од границата со Израел. Израел и Либан во рок од 60 дена мора да разговараат и за целосно спроведување на резолуцијата 1701 на ОН.

Шефот на европската дипломатија вети и 200 милиони евра за поддршка на либанската армија.

Борел, исто така ги повика и либанските лидери да изберат претседател, со цел да го надминат двогодишниот вакуум.

Либанското милитантно движење Хезболах од почетокот на војната во Појасот Газа лансира ракети врз Израел, како поддршка на палестинската група Хамас. Израелската војска одговори со масовна кампања на воздушни напади и копнена инвазија во Либан.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2024 03:01