Активисти, графити уметници, водители, музичари, како и урбани ликови од главниот град во непосредна атмосфера ќе дискутираат денеска во Градскиот парк во Скопје на првиот уличен форум „Мој печат, мој град“.

Форумот е во организација на асоцијацијата за едукација „Младиинфо Интернационал“, во соработка со Скопје Стрит Фестивал.

Идејата на настанот е преку лични приказни да се спојат урбаното живеење, солидарноста и уметноста во едно и за тоа како Скопје да го направиме поурбан град каде што ќе се вреднуваат солидарноста и уметноста.

Форумот е замислен во три делови. Во првиот дел музичарите Пеце од Суперхикс и ЛД Пистолеро, како и водителите Зорица Црношија, Ана Трпеска и Маја Казакова ќе зборуваат како го доживуваат Скопје. Потоа следи главна дискусија во која Ермал Криезу како претставник на графити уметниците, Дарко Арсовски од иницијативата „На точак“ и Даниела Стојановска-Џинговскана од Здружението на студенти и младинци со хендикеп ќе дебатираат колку градот и граѓаните се солидарни и како да се унапреди солидарноста во урбано Скопје.

Стрит Форумот е дел од иницијативата за Прославување на солидарноста, проект поддржан од програмата Европа за граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2017 09:39