На „Скопско лето“ утревечер премиерно ќе биде изведен балетот „Ла, ла, ла!“ на кореографката Саша Евтимова, која е нејзина дипломска претстава со која ќе одбележи десет години кореографска дејност. Претставата во која ќе учествуваат балетски солисти од МОБ е на музика на Драган Ѓаконовски-Шпато, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Дуке Бојаџиев.

– Ова е една кратка и весела претстава која верувам ќе им се допадне на сите генерации, посебно на постарите, а за младите ќе биде едукативна за едно убаво време и за едно Скопје за кое понекогаш можеби сите мечтаеме, рече Евтимова на прес-конференција. Се заблагодари на композиторите чија музика е подлога на претставата и без која, како што рече, не би можело да се покаже убавината на Скопје.

– Музиката предизвикува толку многу чувства во нас, спомени, копнежи, мечти, носталгија, работи поврзани со нашето минато. Само таа музика може да ги врати спомените, да ги склопи како сложувалка и напише една страница во книгата на нашиот живот, рече кореографката чија балетска претстава „Заспани убавици“ пред две години го отвори „Скопско лето“. „Ла, ла, ла!“ ќе биде изведена утревечер на плоштадот „Мајка Тереза“ (плато пред МОБ), со почеток во 21 часот.

Наредниот ден, недела 2 јули, на „Скопско лето“ ќе биде и премиерата на претставата за деца „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери, по драматизација на Тодор Кузманов и режија на Драгана Милошевска-Попов. Почетокот е во 11 часот, а локацијата е Детски театарски центар во Скопската чаршија.

Насловниот лик ќе го игра деветгодишниот Амар Шапка, а во актерската екипа се и Мона Мустафа и Бесфорт Идризи. На пресот Идризи рече дека е предизвик да се игра во претстава по една од најчитаните и најпреведувани книги, често екранизирана и инспиративна за многу илустрации, а ја нагласи и предноста од соработката со дете во екипата.

– Убаво искуство беше да се работи со дете зашто за „Малиот принц“ децата знаат работи кои ние, малку повозрасните, знаеме да ги занемариме или да не ги воочиме. Така што, низ секојдневниот процес, одредени работи можевме да ги видиме низ неговата призма. Ќе видите нов пристап, мултимедијална претстава во која освен актерите и музиката, голема улога имаат и видеоанимицаиите кои ќе не внесат во светот на Малиот принц, кој колку е реален, толку е и нереален, рече Идризи. Тој на „Скопско лето“ ќе има уште едно учество – како продуцент на комедијата „Се бара стар кловн“ која е закажана за 24 јули.

На 2 јули во вечерниот термин (21 часот во Сули ан) ќе се одржи и концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“, а во понеделник, 3 јули, публиката на „Скопско лето“ ќе може да посети три настани: претставата „Отело“ на Турски театар-Скопје (Театар Комедија од 20 часот), изложбата на слики „Резонантна фреквенција“ на Венко Цветков (Музеј на Град Скопје од 20.30) и вокално-инструментален концерт на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ (плоштад „Карпошово востание“ од 21 часот).

Директорот на „Танец“ Зоран Џорлев ја истакна одличната соработка со овој фестивал, на кој учествуваат седми пат, како и на Есенските музички свечености – исто така организирани од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

– Старите, скоро заборавени вокални и инструментални композиции ги ставаме на цедињата „Незаборав“, а нив ги враќаме и на сцената. Враќаме нешто што е исконско и што вреди да го слушнат не само постарите, туку и помладата генерација, рече Џорлев.

За својата изложба авторот Венко Цветков рече дека има интригантен наслов. – „Резонантна фреквенција“ е нешто што ги поврзува сите живи организми. На некој начин, сликарската опсервација на тие содржини е резултатот на оваа изложба, рече Цветков кој во 1984 дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана.

„Скопско лето“ денеска ја најави и ретроспективната изложба за 50 години творештво на карикатуристот Јордан Поп Илиев. Ќе биде отворена на 7 јули во Мала станица.

– Оваа изложба ја чекав 50 години. Далечната 1981 година „Остен“ ми направи прва изложба на карикатури, долго објавував низ светот, Скопје го оставав на страна или тоа ме оставаше на страна. Последните години ја подготвував изложбата и „Скопско лето“ ја прифати мојата ретроспективна изложба за 50 години карикатура, рече Поп Илиев, кој во половина век кариера добил околу 140 меѓународни признанија.

Од следната сабота, 8 јули, „Скопско лето“ ќе ја отвори и веќе традиционалната содржина „Кафе кино“, во чии рамки во наредните десет дена во Сули ан (Факултет за ликовни уметност) од 21 часот ќе бидат прикажувани најнови филмски остварувања. Прва на оваа филмска програма е проекцијата на американскиот музички документарец „Битлси: осум дена во неделата“ од 2016 година.

Од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје се задоволни од одѕивот на публиката во првите десет дена од годинашното „Скопско лето“.

– Имаме одлична посетеност на настаните, се надеваме дека така ќе биде и во останатите 30 фестивалски денови, рече Елизабета Кузмановска.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2017 13:04