Во Метрополис арената во Скопје вечер концерт ќе одржи легендарниот Чик Кориа со неговиот култен Електрик бенд.
Организаторите го најавуваат настапот како врвно музичко доживување, најголем настан годинава што долго ќе се памти и што ќе биде запишан во аналите на нашата концертна историја.
Кориа и Електрик бенд доаѓаат во рамки на светската турнеја која се смета за ексклузивна зашто, според странските критичари, никој не очекуваше по толку години, од осумдесеттите досега, луѓето кои направија своевидна уметничка, духовна револуција, повторно да се соберат и заеднички да свират.
Кориа е добитник на можеби најмногу Греми награди, 22, и најмногу номинации, 63. Имаше храброст да ги сруши постоечките граници не само на џезот како жанр, туку генерално во музиката, да ја разбие познатата звучна матрица, да внесе нов, свеж здив, да ги преименува сите дефинирани правци. Неговата музика се опишува како енергична, моќна, импулсивна, полна со звучни изненадувања и виртуозност, а се движи од фјужн – џез и рок, до симфониска.
Кориа и Електрик бенд користат и современи техники на компонирање. Во 1985 година го издадоа авангардниот деби албум – спој на џез, рок, латино, кој изврши силно влијание врз современиот тек на музиката, дури и врз музичките правци како хип-хопот и електронската музика.
Композициите на Кориа и бендот се производ на едно време, но се уште се прогресивни. Звукот, велат познавачите, е неповторливо креативен, а композиции впечатливи. И ритамот е специфично вклопен.
Кориа досега двапати беше во Скопје, во рамки на Скопскиот џез фестивал – еднаш како соло пијанист и автор, а вториот пат со трио. Сега првпат доаѓа со Електрик бенд во чиј состав се музичките гуруа: тапанарот Дејв Векл, басистот Џон Патитучи, гитаристот Френк Гембејл и саксофонистот Ерик Мариентал.
На концертот ќе биде промовирано и новото озвучување во Метрополис Арената.
По Скопје, Кориа и Електрик бенд настапуваат во Холандија, Шпанија и Скандинавија.