Под мотото „В ЏЕБ, ако нема каде друго!“, денеска попладне ќе се спроведе акција за собирање отпадоци на Матка.

Акцијата ја организира Движењето за едукација и унапредување на дијалогот ЛЕАД, почнува во 17 часот, а собирно место е последната станица на автобусот 60.

– Ги повикуваме граѓаните на Скопје да се приклучат. Неколку формални и неформални групи, како и поединци, веќе најавија дека ќе бидат дел од акцијата, соопшти ЛЕАД.

Ова е втора од планираните седум акции за чистење разни делови на Скопје и околината во наредните седум месеци и втор проект од втората фаза на „В џеб, ако нема каде друго!“. Првата се реализираше лани на Водно.

– Покрај расчистувањето на локациите, акцијата има за цел и да ја крене јавната свест кај граѓаните за зачувување на животната средина. Затоа, активистите ќе носат маици со слоганот „В ЏЕБ, ако нема каде друго!“. Исто така, акцијата овозможува младите од различни етнички заедници да работат заедно и да се дружат, наведува ЛЕАД.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2017 19:57