Управата за јавни приходи почнува со активности за поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данокот од доход, односно издавање предпополнета Годишна даночна пријава по електронски пат.

Како што беше посочено на денешната прес-конференција процесот опфаќа повеќе фази. Во првата фаза ќе се врши изготвување и поднесување електронска пресметка од фирмите исплатувачи, за исплата на приходите и за пресметка на ПДД што се плаќа по одбивка, изготвување и поднесување електронска пресметка за остварен приход и за пресметка на аконтација ПДД, издавање и доставување електронски налог од УЈП до носителите на платен промет за едновремена и неделна исплата на приходот на физичкото лице и уплата на ПДД по одбивка, можност граѓанинот во текот на целата година да има увид за неговите приходи за кои е платен ПДД по одбивка од страна на фирмите и поедноставување на барања за користење на даночните олеснувања и ослободувања според договорите за одбегнување на двојното оданочување за приходи кои се остварени во странство.

Во втората фаза ќе опфати издавање пополнета ГДП од УЈП за остварените приходи, пресметаниот и платениот ПДД за граѓаните и можност граѓанинот да добие пополнета ГДП изготвена од страна на УЈП и истата да ја потврди.

Диреткорката на УЈП Сања Лукаревска на прес-конференција истакна дека реформите во даночниот систем се неопходни за приближување до најдобрите практики но и исполнување на долгогодишните барања на сметководителите и обврзниците.

Ивана Дончевска од УЈП оцени дека станува збор за голема даночна реформа и оти во овој момент се работи на зааконската регулатива во соработка со Министерството за финансии и подготовка на подзаконски акти, а понатаму од август 2017 година ќе бидат вклучени и заинтересирани фокус групи кои ќе учествуваат на тестирање на системот.

Проектот за поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок е финансиран од ЕУ ИПА фондовите во вредност од 93.730 евра и од Буџетот на РМ во вредност од 574.800 евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/07/2017 19:42