Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска трета година по Виена и Париз, присуствува на Самитот на земјите од Западен Балкан кој оваа година се одржува во Трст, Италија, на покана на Генералниот секретар на Министерството за економски развој на Италија.
На највисоко ниво шефовите на влади, министрите за надворешни работи и министрите за економија на земјите од Западен Балкан и високи претставници на ЕУ ќе дискутираат за спроведувањето на Берлинскиот процес во насока на досегашна европска интеграција на земјите од Западен Балкан како и идни стратешки проекти и програми кои ќе ја интензивираат интеграцијата на регионот во ЕУ.
„Соработка и заеднички регионален настап на земјите од Западен Балкан за нивна интеграција во Европската Унија е пораката од овогодинешниот Самит. Потребата од меѓусебна соработка, несомнено е од суштинско значење за развојот на регионалните проекти од областа на инфраструктурата, транспортот, енергетиката, животната средина, поддршката за малите и средни претпријатија и иновациите, како круцијални теми за Западниот Балкан на кои денеска ќе се дискутира на панел сесиите во рамки на Самитот.
Бизнис секторот поддржува регионално здружување кое ќе овозможи заеднички настап на трети пазари кои пак ќе допринесат за социјална стабилност и соработка на регионот, а особено за економскиот развој. Хармонизирани и ефикасни закони донесени во консултација со бизнис заедницата, добра инфраструктура и енергетски ефикасно користење на регионалните ресурси, поддршка на иновациите се дел од мерките на кои заеднички треба да работиме за брза и квалитетна интеграција на земјите од Западен балкан во ЕУ“, изјави Арсовска.
Неодамна, Арсовска и европскиот комесар Јоханес Хан го отворија ЕУ Западен балкан Форум за унапредување на инвестициската клима кој се одржа во Белград во организација на Генералниот директорат за проширување на Европската Комисија, каде беа најавени следните чекори неопходни за интеграцијата.
Во текот на утрешниот ден, Арсовска ќе биде говорник на конференцијата "Берлински процес 2017: Имплементација на економски реформи и соработка во Западен Балкан“.