Македонија е најголемиот добитник од вчерашниот самит во Трст и од вкупно 194-те милиони евра грант наменет за развој на инфраструктурата во Западен Балкан, земјава доби 70 милиони евра за доизградба на пругата од Бељаковце до крива Крива Паланка или 46 отсто од вкупната вредност на оваа делница, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека владиниот тим е презадоволен од вчерашната конференција и додаде дека ЕУ го препознава реформскиот слух на новата македонска Влада поради што ги доделила средствата од грантот.

Како што кажа, на Македонија за инфраструктурни проекти во изминатите 2-3 години и биле блокирани сите грантови и кредити за кои аплицирала и додаде дека постојаните контакти во минатите месец и половина вродиле со плод.

- Затоа цениме дека одмрзнувањето на средствата е резултат на препознавањето на реформскиот слух на новата Влада, рече Анѓушев.

Нагласи дека биле направени контакти со Светска банка која била незадоволна што последните 2-3 години воопшто не биле склучени нови договори за изградба на инфраструктура во Македонија, а и тие чија реализација почнала не е на потребното ниво.

Средствата што ги нуди Светска банка најчесто се за автопатска мрежа, а било разговарано и за буџетска поддршка која, како што рече, конечно ќе заврши кај македонските компании. Најави дека за две недели во Македонија ќе дојде делегација на Светска банка за да се разговара за поддршка на извозно ориентираните македонски фирми и иновативните.

Во Трст Анѓушев имал средба со директорот на Европската енергетска заедница Јанез Копач на која се нашла солуција македонските граѓани да имаат и евтина дневна тарифа, а Македонија да ги исполни сите услови што ги бара ЕЕЗ.

Средба остварил и со претставници на Франција на која е договорено наесен заедно со премиерот Заев да ја посетат МЕДЕФ француската асоцијација на работодавачи за да се изнајде начин за поголема соработка меѓу Македонија и Франција.

Прашан зошто е поништен тендерот за гасификација, Анѓушев рече дека на тендерот пристигнала понуда од само една компанија поради што се одлучиле да се преработи и повторно да се објави бидејќи како што кажа учеството на само една компанија на тендер остава сомнеж за коруптивност.

- Јас нема да поддржам вакви тендери на кои може да има корупција, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/07/2017 12:33