Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски потпиша четиригодишен договор со Лидс и, како што изјави, со тоа му се остварил сонот да заигра во Англија.

– Среќен сум што дојдов овде. Не беше лесно да се комплетира овој трансфер, но успеавме и среќен сум. Имав многу понуди, но отсекогаш сонував да играм во Англија и затоа дојдов овде. Лидс е голем клуб, со богата традиција и бројни навивачи, чувството е фантастично да се знае дека сум дел од овој клуб, изјави македонскиот фудбалер за клупската телевизија на Лидс Јунајтед.

25-годишниот Алиоски зад себе има одлична сезона во Лугано и во македонската репрезентација, по што доби покана да заигра во втората по квалитет англиска лига во клуб кој има амбиции да се врати во Премиер лигата.

– Дојдов за да оствариме добри резултати, зошто да не и да заиграме во Премиер-лигата. Клубот има потенцијал, има и желба да го оствари тоа, е оптимист новиот член на Лидс.

Алиоски во Лидс ќе го носи дресот со број 9.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2017 11:56