Повардарската епархија со седиште во Велес традиционално и годинава, денеска го организираше десетото бесплатно групно крштевање во водите на реката Бабуна во близина на Велес.

Чинот на осветување на водите на реката Бабуна и Светата тајна – Крштение на 39 лица го извршија свештениците од Повардарската епархија, протоереј-ставрофор Горан Панзов, свештеник Игор Пармачки, свештеник Драги Гаштарски и ѓакон Александар Стеваноски.

Најголем дел тие кои се крштеваа беа од Велес, а имаше и од велешкото село Мамутчево, од Кичево, Скопје, Охрид и Кавадарци.

Најмалите беа две деца од по две-три години, а највозрасниот 65 годишен жител на велешкото село Мамутчево.

Чинот започна со огласување, во кој свештенослужителите ги повикаа сите оние кои дојдоа за да се крстат да се откажат од сатаната и од сите негови дела и да се соединат со Христа.

Протоереј–ставрофор Горан Панзов кој раководеше со светиот чин потоа ги повика присутните и тие заедно го прочитаа Симболот на верата за да покажат дека веруваат православно.

Откако беа осветени водите на реката Бабуна, огласените беа помачкани со елејот на радоста и еден по еден влегуваа во реката Бабуна и во името на Отецот и Синот и Светиот Дух трикратно беа потопени, го примија Светото Крштение и станаа членови на Светата Православна Црква.

Во изјавата за медиумите сите покрстени ни изјавија дека се пресреќни што го примија светиот чин кршевањето што е вовед во православната христијанска вера.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2017 19:01