Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски до Советот на Општината поднесе предлог за покренување иницијатива за распишување референдум за изјаснување на жителите на општината во врска со предлогот за изградба на регионална депонија за цврст отпад во атарот на селото Годивје.

Како што стои во соопштението од општина Дебрца, Трајковски таквата одлука ја донел во контекст на неговиот став изнесен вчера на прес-конференција кога истакна дека дека ќе направи се да се спречи изградбата на регионалната депонија во општина Дебрца.

Тој истовремено ги повика сите советници независно од политичката припадност да дадат целосна подршка за предлогот и позитивна одлука за распишување на референдум.

Во таа насока тој побара и по итна постапка да биде закажана и седница на Советот на општината на која ќе се расправа за ова прашање.

Градоначалникот на Дебрца вчера на прес-конференција го изнесе ставот на локалната самоуправа и на граѓаните на општината дека категорично се противат на идејата за изградба на регионална депонија на територија на Дебрца.

Меѓу повеќето причини за таквиот став тој нагласи дека општина Дебрца е главно и најголемо сливно подрачје на Охридското Езеро, што е под заштита на УНЕСКО и споменик на природата, а истовремено е еколошки чиста средина без тешка индустрија.

Жителите на Дебрца најавија дека ќе излезат на протести и со сите средства ќе се спротистават на најавите за изградба на регионална депонија во атарот на село Годивје.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2017 19:37