Во Куќата на Уранија во Охрид вечер ќе биде промовирана проект книгата „Извештаи на рисот“ од авторите Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Иван Џепаровски, а воедно ќе биде прикажана и изложба на цртежи од Сергеј Андреевски.
Стихозбирката „Извештаи на рисот“ е оригинален и уметнички кохерентен проект составен од песни на поетот Славе Ѓорѓо Димоски и цртежи на сликарот Сергеј Андреевски. Книгата на 44 страници содржи дваесетина песни од Димоски и исто толку цртежи од Андреевски, распоредени во неколку циклуси.
- Книгата „Извештаи на рисот“ претставува метафоричко-алегориски однос кон актуелното време, пред се врзано за нас самите. „Извештаи“ како строго полициски термин и „Рисот“, амблематичен лирски субјект којшто е симбол на индивидуалноста, на слободата и на дивиот порив, тајновито присутен во сенчестите агли на недопрените гори, но кој исчезнува или веќе е исчезнат, велат авторите.
Книгата со својот концепт и самиот наслов, додаваат, има и еколошка димензија да ја подразбуди свеста за исчезнувањето на рисот од нашите планини.
Меѓу примероците на промоцијата ќе има и книги кои содржат оригинален потпишан цртеж од сликарот Сергеј Андреевски.