Шеесетина пливачи од неколку домашни и странски клубови ќе бидат дел од традиционалниот „Илинденски пливачки маратон 2017“, што на 2 август ќе се плива во водите на Охридското Езеро.
Пливачите поделени во две категории од 10 до 15 години и од 16 години и постари ќе пливаат на 2,5 километарската патека од кај поранешниот хотел „Парк“ до Градското пристаниште.
Стартот на маратонот во двете категории е закажан за 10:30 односно 10:45 часот. Се очекува првите пливачи околу 11 часот да пристигнат на целта.
На маратонот што се одржува во организација на охридскиот пливачки клуб „Охридски бранови 2008“ ќе учествуваат и тројца млади пливачи од Здружението на граѓани за лица со дисфункција, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“, кои ќе бидат придружувани од нивните тренери.