Во организација на Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“ в сабота на Охридското Езеро ќе се одржи првиот Олимписки пливачки маратон во должина од десет километри.
Маратонот ќе се плива на најатрактивниот дел од езерото, на патека покрај самиот кеј „Македонија“, со старт во 12 часот, а првите пливачи на целта се очекува да пристигнат два часа подоцна.
За регуларноста на трката ќе се грижат судии–делегати на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА). Интенција на организаторот е токму овој маратон, како олимписка дисциплина, да стане дел од официјалните натпревари вреднувани и бодувани од ФИНА.
Најавувајќи го маратонот, нашиот поранешен олимпиец во пливање Александар Маленко изрази задоволство што Охрид и Македонија првпат во историјата ќе имаат прилика да организираат пливачки маратон, кој е олимписка дисциплина.
- Ние како охриѓани треба да бидиме почестени, но малку и жалам бидејќи ова можеше да се случи многу, многу порано, затоа што од 2004 година трката на десет километри е олимписка дисциплина.
Сега кога се официјализираше организацијата на маратонот сакам да им се заблагодарам на луѓето од Светската пливачка федерација со кои отворено разговаравме околу сите детали и на Македонскиот олимписки комитет, кој логистички ќе не подржува максимално, изјави Маленко, кој е и иницијатор и дел од организацијата на маратонот во Охрид.