Планинарите од Крива Паланка, членови на здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“ вчера се искачија на највисокиот врв Вихрен на Пирин Планина во Република Бугарија.
Претседателот на ЗПЗП „Калин Камен“ Мартин Митровски, рече дека по којзнае кој пат се докажале во искачувањето на планините.
– Вчера уживавме во убавините на Пирин Планина со нејзиниот највисок врв Вихрен, еден од петте највисоки на Балканот, на надморска височина од 2.914 метри. Оваа акција ја најавивме пред еден месец, а ја реализиравме успешно. Најпрвин со автомобил стасавме до Банско, во планината Хижа Вихрен-стартна точка на акцијата, а од тука низ патеката со екипата ги фотографираме моментите, дивите кози веќе излезени на падината, продолжувајќи со искачување на последниот дел од патеката-врв Вихрен, изјави Митровски.
Оваа акција, рече тој, е увертира во активностите кои следат претстојнито период, традиционална акција за искачување на највисокиот врв на Осоговските Планини-Руен.
– Секое искачување на планина е неповторливо уживање, фотографирање, дружење и смеење. А патувањето продолжи на езерцето Калин Камен, каде се одржа ноќен планинарски камп под метеорски дожд, дожд кој се случува еднаш на секои 96 години, а дел од организаторите се наши членови, додава Митровски.
Ги повика сите љубители на авантура и планина да се придружат на традиционалната акција за искачување на Руен, висок 2.252 метри, која е закажана за 10-ти септември.