Стотина планинари од Македонија и Бугарија викендов учествуваа на дводневниот планинарски марш „Голак 2017“ организиран од планинарското спортско друштво „Голак“ од Делчево, на планината Голак.

Претстедателот на ПСД „Голак“ од Дечево Љупчо Чучуковски, на денешната прес-конференција истакна дека е задоволен од текот на маршот и од одзивот на планинарските друштва од Македонија и од Бугарија да учествуваат на овој планинарски марш кој годинава е посветен на првиот спортски учител во делчево, Никола Боински.

– На маршот учествуваа планинарски друштва од градовите Карлово, Самоков, Пештера, Ќустендил од Бугарија, како и од градовите Велес, Скопје, Гевгелија, Берово и Делчево. Самиот марш се одвиваше по планираната агенда, а вкупно поминати беа 25 километри. Овој планинарски марш беше дводневен што значи дека првиот дел од маршутата заврши со логорување покрај спортските терени на Голак, истакна Чучуковски.

Додаде дека поради забраната за движење низ шумата која е воведена од превентивни мерки за заштита на шумите од пожари, традиционалната планинарска маршрута на Голак била изменета, а планинарите се движеле по регионалниот пат почитивајќи ја забраната.

Планинарсктиот марш на Голак се организира по трет пат, а целта е единствена-омасовување на планинарењето како рекреативен спорт и промоција на планината Голак, како питома планина која изобилува со раритети достојни да се видат и почувствуваат.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2017 14:41