Одлична музика и многу забава наредните четири викенди на поголем број на локации во рамки на големиот настан СУПЕР СКОПЈЕ.

Секој петок и сабота, на различна локација, скопјени и посетителите на Скопје ќе имаат можност да ги проследат настапите на голем број на музички ѕвезди од домашната и регионалната музичка сцена.

Целосната програма за „Супер Скопје“ ја претставија на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорката на ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, Вера Бошковска, како и дел од изведувачите кои ќе настапат во рамките на манифестацијата.

- „Супер Скопје“ и официјално започна со одржувањето на 10-то по ред издание на „Пиволенд“ и настапите на белградскиот состав САРС и легендарниот македонски хип-хоп состав САФ. Во наредните 4 викенди на различни локации, и тоа на Кејот 13 Ноевмри, Старата скопска чаршија, улицата Македонија и Боемската улица во Дебар Маало, на скопјани и посетителите на Скопје ќе им понудиме богата програма со голем број на изведувачи, многу музика и одлична забава. Иницијативата за „Супер Скопје“ произлезе како предлог од сопствениците и менаџерите на угостителските објекти, а истата е во насока на подобрување на состојбата со забавниот живот и понуда во Скопје. Ги повикувам скопјани и посетителите на Скопје да присуствуваат на концертите и одличната забава која ќе им ја понудиме – кажа градоначалникот Трајановски.

Целосната програма за „Скпер Скопје“ ја претстави директорката на ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, Вера Бошковска, каде сите забави ќе бидат со почеток во 21 часот.

- На 18 и на 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, каде:

На 18 август (петок) ќе настапи Сергеј Четковиќ,

На 19 август (сабота) ќе настапат Бајага и Инструктори.

- Супер Скопје на 25 и на 26 август ќе се префрли во Старата Скопска Чаршија, каде:

На 25 август (петок) забавата ќе биде на плоштадот Скендер Бег каде ќе настапат Трикс (Trix), Гоца Тржан, Цена (Cena) и Гоце САФ

На 26 август (сабота) забавата ќе биде на плоштадот пред „Свети Спас“ каде ќе настапат Офкестра (Offchestra), Фанки Гуру (Funky Guru), Енерџи бенд (Energi bend) и Фиц (Студени нозе).

- На 1 и на 2 септември забавата ќе се организира на улица Македонија, каде:

На 1 септември (петок) ќе настапат Ди Џеј Баже (Антена 5), Ај Кју (Eye Cue) и Каролина Гочева

На 2 септември (сабота) ќе настапат Ди Џеј Дела (DJ Dela), Тамара Тодевска и Нокаут со специјални гости – Игор Џамбазов и Гуру Харе

- На 8 и на 9 септември забавата ќе се организира на Боемската улица во Дебар Маало, каде:

На 8 септември (петок) ќе настапат Влатко Илиевски, Синтезис и Фолтин

На 9 септември (сабота) ќе настапат Нино Величковски и Тамбураши, Љубојна и Џамбо Агушев оркестар

Скопјани ги поздравија и ги поканија за одлична забава и Верче Милошевска од „Љубојна“, Бојан Трајковски од „АЈ Кју“, Влатко Илиевски, како и Сезгин Кури од косовскиот бенд „Офкестра“.

Главен организатори на „Супер Скопје“ е ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, а за реализацијата се задолжени „Горила Вајлд ентертејмент груп“ (Gorilla wild entertainment group).



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2017 15:01