Музичката програма на годинешното 37. Издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на „ЕЛК“ камерниот оркестар од Народна Република Кина.

Камерниот оркестар „ЕЛК“ е основан во септември 2016 година, а неговите членови доаѓаат од најпрестижните музички установи во Кина, како Кинескиот конзерваториум и Колеџот за музика „Капитал“ од Пекинг. Оваа динамична група ја сочинуваат млади професори по музика, студенти и независни музичари. Нивна идеја е да создаваат музика која преставува рефлексија на нивните индивидуални музички гледишта, традицијата и современото живеење, националниот идентитет и космополитизмот. Ваквиот пристап кон музиката резултира со ревидирање на кинеската национална музика, при што тие се одлучни во ставот дека треба да се зачуваат вредностите на традиционалната кинеска музика, додека истовремено се искористуваат современите музички трендови. Идејата е на тој начин да се создадат оригинални композиции.

Поради нивниот професионализам и висок стандард на изведби, Камерниот оркестар „ЕЛК“, како еден од најквалитетните музички ансамбли, е избран од страна на Кинеското министерство за култура да ја промовира кинеската култура низ светот.

На програмата на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 20:30 часот се интересни варијации на дела на кинески композитори и традиционални национални мелодии.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2017 10:55