Со концертот на Игор Џамбазов и блуз-поп составот ГуруХаре вечер на платото во ТЦ „Лептокарија“ ќе почне „Културно лето Карпош 2017“.
Како што информира општина Карпош, љубителите на културата и уметноста на 10. културна манифестација ќе можат да уживаат во концертите на наши музички ѕвезди, културно-уметнички друштва и да посетат ликовни изложби. Петнаесет дена, секоја вечер посетителите ќе можат да слушаат џез, поп, етно и народна музика, класика, во изведбата на наши пејачи и музички групи. Предвидена е и културно–уметничка програма за најмладите.
На „Културно лето Карпош 2017“ ќе има и стенд ап комедии на познати комичари, музички перформанси, културно-уметнички изведби, ликовни презентации…
Централната локација на која ќе се одвива оваа манифестација е платото во ТЦ „Лептокарија“. „Културно лето Карпош 2017“ ќе го затвори познатиот македонски кант-автор Венко Серафимов, кој на 1 септември ќе одржи концерт во придружба со познати музички имиња од македонската уметничка естрада.