Светски познатиот спелеолошки нуркач Криштоф Старнавски од Полска се спушти на длабочина од 240 метри во подводната пештера Врело на Матка, соборувајќи го минатогодишниот сопствен рекорд од 230 метри.
Старнавски во придружба на неговиот тим и со логистичка поддршка од домашните спелео- нуркачи од клубовите „Акватек“ и „Врело“ од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да се спушти на оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен „ребридер“.
– Подводната пештера Врело е извонредна, со кристално чиста вода и огромни галерии. Сакам да изразам голема благодарност до мојот како и до македонскиот тим од нуркачи, со кои успеавме да направиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и над 800 метри во должина. Она што е најважно е што утврдивме дека постојат уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас како човек и нуркач сум во потрага по најдлабоката истражена пештера во светот, а Врело има голем потенцијал да стане токму тоа – кажа Старнавски.
Минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на нуркачот Луиџи Касати кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.
Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции и истражен е само дел од нејзината внатрешност.Не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.
Со 200.000 денари, Градот Скопје финансиски ги поддржа сите истражувања на подводната пештера Врело преку здружението „Акватек“.