Велосипедскиот планински туризам е нов адут за развој на туризмот во Малешевијата, а за љубителите на овој рекреативен спорт се изградени патеки во должина од 25 километри.
Дина Муцунска, директор на хотел „Манастир“, истакнува дека питомата планина, богатата шума, благите падини, даваат терен поволен за планински велосипедски патеки, па првите километри велосипедски патеки изградени од хотел „Манастир“, покажаа дека Малешевијата е идеална за развој на овој вид туризам.
– Планината која овде е многу питома, живописна, изобилува со шума и ја карактеризираат благи падини и е терен токму погоден за планински велосипедски патеки, какви има и се повеќе. Во реализацијата на дел од нив и самата во целост бев вклучена, тие се добро обележани, со поставени маркери, патокази и мапи. Ни претстојат уште додатни активности како на терен, така и за промоција на регионот во таа насока, а и секако и постоењето на потреба од понуда како „изнајмување велосипеди” за гостите и посетителите, е од големо значење, истакна Муцунска
Владо Мишовски, менаџер во хотел „Манастир“ потенцираше дека ова е пилот програма на која интензивно се работи.
– Кај нас доаѓаат гости од велосипедски туристички тур опреатори кои работат со професионалци. Би рекол дека еден велосипед чини и по 7-8 илјади евра. Ние тука им стоиме на услуга , овде велосипедите се монтираат на лице место и се возат по одредени патеки, по што потоа помагаме и им ги ги дистрибуираме.Најкарактеристични за ваков спорт ни се гостите од Израел, рече Мишовски.
Сезоната во Малешевијата е во полн ек, а хотелиерите се задоволни од посетеноста.
– Оваа сезона ќе биде добра. Во јуни, јули и август искористеноста е 90 проценти во хотел „Аурора“. Можам да кажам дека 50 проценти од гостите се од страна, а најмногу идат наши иселеници од Австралија,Америка, Канада, но и бугарските гости, рече Славе Сирачевски од хотел „Аурора“.
Високите летни температури по традиција ја полнат Малешевијата. Овде покрај релативната свежина и спокојот што го нуди планината и езерото, туристите ја одбраа и традиционалната малешевска храна, а збогатувањето на туристичката понуда со нови содржини наменети за авантуристите, на овој регион можат да му донесат нов квалитет во туризмот.