Светски познати готвачи со мишелин ѕвезди од Перу, Чиле, Германија, Мароко, Турција и Кина ќе подготвуваат специјалитети од шест интернационални кујни со локални намирници во рамки на фестивалот „Иновативно кулинарско искуство 2017“, што ќе се одржи од 2 до 8 октомври во Скопје.
Иницијативата е на шефот Марк де Јонг и има за цел едукација и развој на туризмот во Македонија преку конзумирање на деликатеси од светската кујна подготвени во Македонија.
- Тоа се различни кујни што во Македонија тешко се наоѓаат. Сакам да ги донесам овде за сите шефови од хотелите, рестораните и кујните можат да учат од мастер клас и да можат тоа го споделат каде што работат. Тоа ќе го дигне нивото на кујната во Македонија, изјави Марк.
Посочи дека фестивалот е инклузивен и дека секој ден секој мастер шеф ќе има своја екипа од млади готвачи и луѓето со посебни потреби.
- На 16 септември ќе има и натпревар со млади готвачи, каде ќе бидат селектирани млади готвачи кои ќе бидат дел од фестивалот. Ќе имаме мастер шефови, шефови и млади готвачи, за кои ќе биде големо искуство, изјави Марк де Јонг.
Според Илија Вучков од ИЦТ едукативниот центар, главен фокус на фестивалот е едукација на готвачкиот кадар во Македонија.
- Носиме исклучиво квалитетни готвачи од различни места од светот. Ќе имаме пет работни дена со мастер класови и исто така, посети на ресторани и хотели низ Македонија. Настанот не е само за професионалци и ќе може и обичните граѓани да дојдат и научат да готват некој вид на јадење, рече Вучков.
Посочи дека пријавувањето за обуките и за посетата на објекти е веќе започнато и во тек.
Фестивалот е од хуманитарен карактер и собраните средства ќе бидат наменети за отворање на Академија за готвење, односно отворен простор каде членовите од професионалната организација на готвачи ММЦЦ и странски готвачи ќе споделуваат знаење со сите заинтересирани посетители.