Граѓаните на скопско Дебар Маало вечерва протестираа со барање Општина Центар и Градот Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците, а особено децата од опасноста предизвикана од тротоарите окупирани од возила, неорганизираниот сообраќај и неконтролираното градење.
Под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“ протестот се одржа во близина на ОУ „Коле Неделковски“, каде минатата недела загина жена, која беше прегазена од комбе кое вршело дотур на стока.
Од Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ истакнуваат дека повеќе од две години предупредува на опасноста и бараат од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и на Град Скопје Коце Трајановски, како и од градските и општинските советници и стручни служби, Паркинзи и МВР-Сообраќајна полиција да ги спроведуваат законите и да работат за заштита на јавниот интерес.