Вкупно триесет и пет професори, истражувачи, теоретичари, критичари, драматурзи, кореографи, танчери, културни менаџери, како и студенти и уметници во развој со интерес за современиот танц, учествуваа на првото издание на Меѓународната образовна програма „Nomad Dance Academy Summer 2017“ што од 21 до 29 август се одржува во Охрид во организација од Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“.

Првиот дел на академијата, како што информираат организаторите е развиен и имплементиран во форма на презентации и дискусии на теми поврзани со формалното и неформално образование во современиот танц, образовните политики како и развојот на нов регионален образовен модел кој ќе одговори на потребите за нови образовни содржини и начини на пренос на знаење во полето на современиот танц.

Во вториот дел преку серија на работилници академијата се фокусира на истражување на движењето, импровизација- композиција, танц, дискурс и теорија преку пракса.

Работилниците се водени од кореографот и професор Мартин Сондеркамп и визуелен уметник Дарко Драгичевиќ, како и драматургот Ивана Ивковиќ и групата на професори Гисела Мулер, Рок Вевар, Грегор Камникар, Дејан Срхој.

Академијата е поддржана од Централната европска инцијатива, во рамки на „teachback“ програмата за развој на методи на образование и учење во областа на современиот танц, програмите Култура и Креативна Европа на ЕУ.

„Nomad Dance“ е регионална мрежа составена од професионалци-изведувачи, кореографи, теоретичари и продуценти во полето на современиот танц и организации активни во полето на современиот танц и современите изведувачки уметности, што од 2005 година се фокусира на професионализација на современиот танц во Балканскиот регион.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2017 12:52