Фудбалскиот клуб ПСЖ постигна договор со Монако за доведување на напаѓачот Килијан Мбапе на заем, пренесе „Скај“.

Како што се наведува, ПСЖ ќе го доведе Мбапе на заем, со обврска следното лето да го купи за 180 милиони евра.

Договорот сè уште не е потпишан, а „Скај“ наведе дека ниту еден друг играч нема да биде во рамките на трансферот на 18-годишниот Мбапе.

ПСЖ ова лето го купи Нејмар од Барселона за 222 милиони евра, а ќе може да го доведе Мбапе само ако работата ја заврши во согласност со правилата на финансискиот фер плеј, според кои клубовите не може да потрошат повеќе пари отколку што заработиле.

За Мбапе ова лето се заинтересирани многу европски клубови, меѓу кои се: Реал Мадрид, Барселона, Манчестер сити, Ливерпул и Арсенал. Тој вниманието кон себе го привлече минатата сезона, во која за Монако постигна 26 голови, забележа осум асистенции, ја освои титулата во француската лига и играше во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Шпанската „Марка“ претходно пренесе дека Реал Мадрид му понудил на Монако 150 милиони евра и уште 30 милиони евра од бонуси за 18-годишниот напаѓач, но Монако го негираше тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2017 02:56