Агенцијата за млади и спорт под мотото „Трчај, играј, активирај се“ на 6 септември, на Кејот на реката Вардар, ќе организира спортско – рекреативен настан во пресрет на 8 септември, Денот на независноста на Република Македонија.

– Агенцијата за млади и спорт ги повикува сите заинтересирани да се пријават и да бидат дел од атлетската трка во пресрет на Денот на независноста 8 Септември, стои во апелот на АМС.

Централна активност на настанот ќе биде рекреативна атлетска трка која ќе започне од Каналот на Вардар (општина Карпош, кај карпата за искачување), во 17 часот, а ќе заврши кај Градска плажа (општина Центар).

Заинтересираните своето учество можат да го пријават на соодветен формулар на http://bit.ly/2wRZptc или на телефон: 075-254-734.

Повикот за аплицирање за учество на настанот ќе биде отворен до понеделник (4 септември) до 20 часот.

Секој од учесниците во трката е одговорен за својата физичка подготвеност и здравствена состојба.

Во рамки на настанот ќе биде организирана и еколошка акција за чистење на Кејот на Вардар, како и спортски активности: одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа, скејт активности, соопштија од АМС.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2017 10:59