Заврши рокот за аплицирање за неповратни 10.000 евра финансиска поддршка за млади земјоделци за почнување земјоделска дејност. Според Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), за мерката конкурирале 662 лица.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), пристигнатите апликации веќе се разгледуваат, за да се утврди дали ги исполнуваат пропишаните услови во огласот, а до почетокот на октомври се очекува евалуацијата да заврши. Потоа, на апликантите кои ги исполниле условите, АФПЗРР ќе им издаде решение, по што следува склучување договор за финансиска поддршка.
Оние апликанти кои не исполниле пропишаните услови, ќе добијат решение дека се одбиени со образложение на причините.
Апликантите кои ќе бидат корисници на мерката, откако ќе го склучат договорот треба да почнат со извршување на инвестициите согласно нивниот деловен план. АФПЗРР ќе врши редовни контроли, колку реализираното на терен е во согласност со понудениот бизнис-план на апликантот.
По извршување на инвестицијата апликантот е должен до АФПЗРР да достави барање за исплата, по што се рефундираат финансиските средства кој апликантот ги потрошил за инвестицијата. Исплатата на неповратните 10.000 евра се очекува да биде завршена до крајот на 2017 година.
– Евалуацијата, но и доделувањето парични средства ќе се одвива отчетно, професионално и неселективно, потенцира МЗШВ.
Оваа мерка постоеше и претходно, но со критериум „прв дојден прв услужен“.
– Со измените на Програмата за рурален развој што ги донесе Владата, се воведоа нови критериуми за подобност, со што парите ќе завршат кај вистинските земјоделци. Со мерката им се излегува во пресрет на младите земјоделци кои имаат желба да се занимаваат со земјоделство. Ќе се овоможи развој на руралните средини, вработување преку отворање соствен бизнис на младите луѓе, внесување нови и модерни технологии што крајно ќе резултира со зголемено земјоделско производство, стои во соопштението од Министерството.
Воедно се додава дека младите земјоделци ќе бидат во фокусот на креирањето на понатамошните политики на Министерството преку зголемување на финансиската поддршка за оваа категорија.
– Ова е само една од низата мерки на Владата со кои се помага домашното стопанство и кои ќе придонесат за унапредување на земјоделството, наведува МЗШВ.