Руското Министерство за надворешни работи го повика денеска советникот на американската Амбасада во Москва и му врачи протестна нота во врска со намерата на САД да изврши претрес во руската трговска мисија.
- Советникот-пратеник на амбасадата на САД во Москва, Е. Годфри, е повикан денеска во руското МНР. Врачена му е протестна нота во врска со намерата на американските власти да извршат претрес во Трговското претставништво на Руската Федерација во Вашингтон, во кое од денеска ни е забранет пристап, иако оваа зграда е во државна сопственост на Русија и има дипломатски имунитет, се наведува во соопштението на руското Министерство.
Се додава дека планираниот претрес на руските дипломатски објекти во САД е „досега невидена, агресивна акција“ која американските разузнавачки агенции можат да ја искористат за организирање провокации со помош на подметнати предмети.
- Во нотата се истакнува дека планираниот нелегитимен претрес во дипломатските простории на Русија, без присуство на руски претставници и закана дека предната врата ќе биде обиена, го сметаме за агресивна акција, која американските разузнавачки служби би можеле да ја искористат и за организирање антируски провокации со помош на компромитирачки предмети, нагласува руското МНР.
Министерството додава дека Москва го задржува правото на возвратни мерки врз основа на реципроцитет.
- Властите на САД треба да прекинат со најгрубото кршење на меѓународното право и да се откажат од нападот врз имунитетот на руските дипломатски институции. Во спротивно, имаме право да одговориме врз основа на реципроцитет, се наведува во соопштението.
Претходно руското МНР соопшти дека специјални служби на САД планираат денеска да извршат претрес во рускиот конзулат во Сан Франциско, вклучувајќи ги и становите на дипломатските претставници. Стејт департментот одби да ги коментира овие информации.