Новиот парк за миленичиња во Ново Лисиче е во завршна фаза. Паркот ќе биде пуштен деновиве, а останува уште да се постават дополнителни елементи, во вид на реквизити и содржини за кучињата и урбана опрема, информираше денеска градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кој со градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, го посетија паркот.

– Во Скопје има голем број ндомашни миленичиња и ние работиме на овозможување подобри услови за нив и нивните сопственици. Во таа насока град Скопје гради специјални паркови за миленичиња, каде последен ваков парк е овој во Ново Лисиче, долж булеварот АСНОМ. Овој парк ќе биде завршен во наредниве неколку дена, каде треба да се постават дополнителни елементи, во вид на реквизити и содржини за кучињата и урбана опрема, изјави скопскиот градоначалник Трајановски.

Паркот е со површина од 920 метри квадратни и во целата површина е ограден со заштитна жичена ограда (мрежа).

– Ова е трет парк за миленици во Скопје, а ние и во иднина ќе продолжиме со изградба на вакви паркови во соработка со општините во сите општини во Скопје, истакна Трајановски.

Градоначалникот Коневски најави дека ова е прв ваков парк за миленици на територијата на Општина Аеродром и дека во иднина, во соработка со Градот Скопје, ќе изградат поголем број на вакви паркови на територијата на општината.

Новиот простор за миленичиња е лоциран во Ново Лисиче, Општина Аеродром, во паркот долж булеварот АСНОМ, до седиштето на Фудбалската федерација на Македонија.

Градежните работи на новиот парк ги извршија екипите на ЈП „Улици и патишта“, додека истиот е уреден од страна на ЈП „Паркови и зеленило“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2017 01:56