Неуспешен е референдумот за рудниците во Општина Босилово затоа што не е исполнет законскиот цензус односно не излегле 50 отсто плус еден од запишаните гласачи.

Според првичните информации, во сите гласачки места бројот на излезени бил под 50 отсто.

Жителите на општина Босилово се изјаснуваа дали се за или против работењето на рудникот за бакар и за злато Иловица и дали се за или против отворање рудници за експлоатација на метални и металични суровини во нивната општина.

На 19 гласачки места во општина Босилово требаше да излезат 6.151 граѓанин или 50 отсто плус еден гласач од запишаните гласачи за да биде успешен референдумот.

Референдумот се одржа на иницијатива на граѓанското здружение „Здрава котлина“ кои сметаат дека ова е срам за граѓаните на Општина Босилово.

-Ова што денеска се случи во Босилово е срам за сите граѓани што не излегоа. Јас не знам дали биле партиски притиснати или на некој друг начин или незаинтересирани или да се прават дека не знаат – вели Стојан Велков –Трн од ,,Здрава котлина“.

Референдум за рудникот кај Иловица ќе има и во општина Ново село кој е закажан на 17 септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2017 02:13