Со настапот на повеќе изведувачи на улицата Македонија заврши третиот викенд од големата летна забава „Супер Скопје“.
Изминатиов викенд, повеќе илјади лица се забавуваа со одлична музичка програма на улицата Македонија кој помина во знакот на домашните изведувачи.
Во саботата голем број на посетители на улицата Македонија и во преполните локали уживаа во настапите на Тамара Тодевска, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе.
Претходно, во петокот пред скопјани настапија и Ди Џеј Дела (DJ Dela), Ај Кју (Eye Cue) и Каролина Гочева.
Со ова, заврши и третиот викенд од „Супер Скопје“, а наредниот викенд забавата се префрла на Боемската улица во Дебар Маало, каде:
На 8 септември (петок) ќе настапат Влатко Илиевски, Синтезис и Фолтин.
На 9 септември (сабота) ќе настапат Нино Величковски и Тамбураши, Љубојна и Џамбо Агушев оркестар.
Главен организатори на „Супер Скопје“ е ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, а за реализацијата се задолжени „Горила Вајлд ентертејмент груп“ (Gorilla wild entertainment group).
За потсетување, согласно одлука на Советот на Град Скопје, вечерите кога се одржува „Супер Скопје“ работното време на угостителските локали е продолжен за еден час .