Со настапот на повеќе изведувачи на Боемската улица во Дебар Маало синоќа заврши четвртиот викенд, а со тоа и целосната програма од летната забава „Супер Скопје“.

Синоќа настапија Љубојна и Џамбо Ангушев Оркестар, Нино Величковски и Тамбураши.

„Супер Скопје“ траеше изминативе четири викенди на различни локации, на кејот „13 Ноември“, на плоштадот пред Свети Спас, во Старата скопска чаршија, на улицата „Македонија“ и на Боемската улица.

Жителите и посетителите на Скопје имаа можност да се забавуваат со настапите на голем број изведувачи, меѓу кои Сергеј Четковиќ, Бајага и Инструктори, Трикс, Гоца Тржан, Цена и Гоце САФ, Офкестра, Фанки Гуру, Енерџи бенд и Фиц (Студени нозе), Ди Џеј Дела, Ај Кју, Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Нокаут со специјални гости – Игор Џамбазов и Гуру Харе, како и Влатко Илиевски, Синтезис и Фолтин.

Иницијативата за „Супер Скопје“, како што истакнуваат од Град Скопје, произлезе како предлог од сопствениците и менаџерите на угостителските објекти, а беше во насока на подобрување на состојбата со забавниот живот и понуда во Скопје.

Главен организатор на „Супер Скопје“ беше ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, а за реализацијата беа задолжени „Горила Вајлд ентертејмент груп“.

Согласно одлука на Советот на Град Скопје, вечерите кога се одржуваше „Супер Скопје“, работното време на угостителските локали беше продолжено за еден час.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2017 22:01