Општина Струмица денеска одбележува 73 години од ослободувањето на градот. Со свечена програма пред Споменикот на револуцијата во градскиот парк и со полагање свежо цвеќе, претставниците на локалната власт, политичките партии, здруженијата на борци и граѓани оддадоа почит на борците кои ги дадоа животите за ослободување на Струмица.

– Има ли поубаво нешто од сознанието дека градот во кој си роден и во кој живееш, градот во кој си растел, градот на твоето вчера, денес и утре, и градот кој го сакаш неизмерно, одбележува 73 години од својата прва слободарска мугра. Точно 26.663 слободарски сонца ја огреале Струмица, од оној 11. септември 1944 година, па се до денот денешен. Нека вечно царува мудроста и слободарскиот дух кај луѓето, та да даде Господ уште илјада пати по толку мугри да доживее градот под Царевите кули, како и сите негови жители што ќе се родат под ѕвезденото струмичко небо, во годините и вековите кои се пред нас, рече вршителот на должност градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.

Тој посочи дека слобода не е само обичен збор напишан на хартија туку нешто повеќе од тоа.

-73 Години слободна Струмица, тоа значи 73 години – надградба на традиционалните вредности, 73 години – надеж и стремеж кон подобро, поубаво и посреќно утре, 73 години – прогрес и растеж, и конечно 73 години – љубов и верност помеѓу Струмица и струмичани. Сето тоа е убава основа за влез во иднината. Сето тоа е поучно четиво кое треба да се повторува. Сето тоа е убаво парче од мозаикот на севкупното постоење на овој град, рече Костадинов.

Во чест на празникот беше изведен мал митинг на револуционерна поезија во изведба на членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“, а беше засадено и дрвце на другарувањето во Алејата на младите во градскиот парк.

Инаку, одбележувањето на празникот, денеска, започна со турнир во мал фудбал за средните училишта, ќе продолжи вечерва во 20 часот во изложбениот салон на центарот за култура „Антон Панов“ со отворањето на изложбата на дела од 54-та меѓународна струмичка колонија, а ќе заврши утре со турнирот во мал фудбал за основните училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2017 12:56