Нови 13 дефектолози ќе бидат ангажирани во осум училишта во општина Карпош кои ќе работат со ученици со посебни потреби – основци во училиштата на територијата на локалната самоуправа во рамки на проектот „Карпош за еднаквите во училиштата“.

Општина Карпош во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и со директорките на осум основни училишта од Општината, потпиша Меморандум за реализација на овој проект.

Градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски изрази задоволство од потпишуваме ваков Меморандум за соработка, со кој ќе се вработат стручни дефектолози, кои ќе работат на поголема образовна инклузија на децата со посебни потреби.

– Во училиштата во Карпош учат преку 70 основци со посебни потреби од кои 55 се со документ. Претходната Влада на Република Македонија, ангажираше четири стручни лица, број за кој сметам дека е несоодветен за потребите на училиштата, изјави Јакимоски.

Од општината информираат дека 13-те дефектолози кои ќе бидат ангажирани со овој проект, ќе примаат месечен надоместок од 6.200 денари, додека Општината со свои финансиски средства ќе го покрива превозот за стручните лица.

Проектот ќе започне да се спроведува од 1 октомври во осум, од вкупно десет училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа, а ќе заврши на 31 мај, по што ќе следува негова евалуација. Во проектот се опфатени основните училишта: „Братство“, „Владо Тасевски“,„Димо Хаџи Димов“, „Аврам Писевски“, „Јан Амос Коменски“, „Петар Поп Арсов“, „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири –Трена“.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2017 14:02