Со усвојување и потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за култура на 16 земји од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина (Иницијатива 16+1) се воспоставува Координативен центар за културна соработка на Иницијативата чие седиште ќе биде во Македонија.

Како што соопшти Министерството за култура, на Третиот форум за соработка помеѓу НР Кина и земјите на Централна и Источна Европа (16+1) кој деновиве се одржа во Хангџоу, НР Кина, направени се значајни исчекори за унапредување и конкретизирање на соработката меѓу овие земји.

На форумот се обратиле сите министри и претставници на делегациите на земјите членки на Иницијативата 16+1, а во своето обраќање министерот Роберт Алаѓозовски изразил голема благодарност до сите учесници за укажаната доверба за воспоставување на Центарот за културна соработка на Иницијативата „16+1“ во нашата земја.

– Ја истакнуваме нашата посветеност и заложба – овој Центар да се операционализира што побргу и да почне да придонесува со конкретни програми и активности за зајакнување на нашата соработка, истакнал министерот Алаѓозовски.

Тој ги поканил домаќините и сите членки на Иницијативата да ја посетат Република Македонија за време на одржувањето на меѓународните манифестации на кои редовно се претставуваат еминентни уметници од НР Кина и регионот.

– Светот денес се соочува со многу предизвици и ризици од безбедносен, економски, политички аспект. Културата и натаму останува една од ретките отворени врати, сила која обединува и успева да ги надмине границите и поделбите, да ги негува и промовира различностите во секој аспект. Искрено се надевам дека со оваа Иницијатива ќе успееме да ги отвориме уште повеќе вратите на соработка меѓу нас, а со тоа да придонесеме за помирен, постабилен и попросперитетен свет, порачал Алаѓозовски.

Иницијативата на НР Кина со процесот „16+1“ има цел да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји членки на Европската Унија и петте балкански земји во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2017 18:47