Во рамки на на кампањата „Заедно зборуваме – Together we Speak“ на ЦИВИКУС – Светската алијанса за граѓанска партиципација денеска во Градски Парк кај Школка ќе се одржи Националниот форум „Граѓаните за промени – Ден на граѓанските организации“ во организација на Цивика мобилитас.

Програмата опфаќа 30-тина настани кои ќе се одвиваат паралелно, настапи на повеќе музичари меѓу кои хорот Симбиосис, Шурбе, Џун, Концепт 59, РИБ и Тамара Тодевска.

Форумот предвидено е да го отвори амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Тејада, а ќе се обратат и Питер Тоинес и Александар Кржаловски, меѓународниот, односно националниот водач на тимот.

На настанот посетителите ќе имаат можност да се информираат за граѓанските организации, нивните залагања и постигнувања, како и активно да се вклучат во активностите предвидени за тој ден. Предвидени се работилници и видео проекции кои ќе се одвиваат паралелно во три шатори.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе организира дебата за законот за спречување и превенција од дискриминација. Мултикултура низ работилница ќе зборува за надминување на стереотипите и предрасудите... Планирани се содржини за деца кои ќе вклучат работилници за цртање, правење оригами и едукација на различни теми. Во креативното катче ќе може да се најдат изложбите на самите организации учеснички и тоа „Бегалци во сопствената земја“ на Паблик, „Чудовиштата од Скопје“ на Младинскиот образовен форум, а исто така ќе може да се види и новата урбана акција на Центарот за современа уметност.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2017 18:25