Вардар ја продолжи победничката серија во лигата на шампионите со триумфот над Нант, 27-23 (14-10) во второто коло од А групата на лигата на шампионите.

Двете екипи одиграа одлично во одбраната, имаа свои „пет минути" на средбата, но Вардар успеа повеќе да доминира и да ја задржи предноста до крајот.

По натпреварот тренерот на Вардар Раул Гонзалес, не ги криеше пофалбите за своите играчи.

„Нант одигра добар меч. Играчите покажаа дека играат добар и брз ракомет. Одигравме добро во последните 15 минути од мечот кога одбраната ни беше на ниво. Кога беше најпотребно функционираше како што треба. Контранападот и полуконтрата функционираше добро, а имавме поддршка и од Штербик. Нант имаше свои моменти и ни беше навистина тешко за да дојдеме до посакуваниот резултат. Задоволен сум што го добивме овој натпревар. Освоивме два бода со четири гола разлика и успеавме да го направиме она за коешто сакавме. Оваа победа беше навистина тешка и затоа мораме да бидеме задоволни од направеното" истакна Гонзалес.

Тиери Анти, тренерот на Нант призна дека Европскиот шампион ги искористил грешките на французите.

„Му честитам на Вардар за победата. Го доби овој натпфевар кој не беше воопшто лесен за нас. Правевме многу грешки, но неколкупати успеавме да се вратиме во мечот после негатива. Моравме да бркаме резултат иако бевме близу. Ни остануваат уште многу мечеви до крајот на сезоната така што ќе има што да поправаме", рече Анти.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2017 00:59