Согласно позитивните законски одредби во нашето законодавство правни и физички лица кои ќе нанесат штета на дивечот со бесправен лов или на друг начин, се должни штетата да му ја надоместат на концесионерот на дивечот во ловиштето. Висината на надоместокот на штетата се утврдува според ценовник што го донесува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според ценовникот најголемата казна во парична вредност се плаќа за криволов на рисот а такво противзаконско дело ќе ве чини 30.000 евра.
Од недела почнува официјалната ловна сезона за лов на дива свиња, срна како и за младенчиња - едногодишни и двегодишни од срна, муфлон женски и младенчиња-едногодишни и двегодишни од муфлон и дивокоза заедно со младенчиња - едногодишни и двегодишни од дивокоза. Крај на ловостојот се утврдува и за лов на фазан.
Според ценовникот, доколку бидете фатени во криволов на дива свиња (нерез) ќе треба да платите казна од 3000 евра, додека за дива свиња - женка, казната изнесува 1.500 евра.
Казната за криволов на срна изнесува 2.500 додека дупло поголема е казната односно 5.000 евра за машка срна - срндак. 1.000 евра е казната за криволов на младо срнче до една година.
Криволовот на женскиот муфлон ќе ве чини 3.500 евра додека за машкиот 7.000 евра.
Исто толку, односно 7.000 евра ќе платите казна за криволов на дивокоза, додека „најевтина“ казна е пропишана за лов на фазан - 100 евра.