На вториот фестивалски ден на 42. Млад отворен театар вечер во Младинскиот културен центар од 20 часот ќе гостува Босанскиот национален театар од Зеница со претставата „Мојата фабрика“ од Селведин Авдиќ во режија на Селма Спахиќ, која пред неколку години на МОТ гостуваше со претставата „Прст“.

Невозможно е да се опише Зеница, а да не се спомене Фабриката. И обратно... се чини дека градот и фабриката се сраснуваат меѓусебно како сложувалка... Таквиот зависен однос не можел да донесе ништо добро, кога Фабриката по транзицијата го напуштила градот, тој останал зашеметен и дезориентиран, веќе не можел да се потпира на неа, ниту да смета на нејзината помош, пишува МОТ во најавата за претставата.

Претходно, во 18 часот, во „Кино Култура“ ќе биде изведена претставата „Антигона и Креонт“ на Театарот на Навигаторот Цветко. Во терминот од 22 часот на сцената на МКЦ ќе гостува шпанскиот театар Agrupacion Senor Serrano со претставата „Птичка“.

На вториот фестивалски ден ќе има и претстава во полноќен термин на сцената на „Кино Култура“. Претставата е „Систем ерор“ на Маја Стефановиќ во режија на Зоја Бузалковска и во продукција на Факултетот за драмски уметности.

- По многу нешта оваа претстава се издвојува од тековната театарска продукција во Македонија. Професорите и студентите на Факултетот за драмски уметности – Скопје заедно создаваат претстава што зборува и коментира општествено критички прашања, притоа презентирајќи го и едукативниот и естетскиот модел на работа. Претставата е своевиден „форум“ театар според принципите на Боал, која гласно, јасно и активно ги презентира општествените метастази на театарски јазик. Претстава што ги посочува грешките на системот и која истовремено покажува како денешен театар може да изгледа, најавува МОТ.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2017 10:36