Комплексот на Железничка зграда во Скопје и старото кино кое е дел од овој објект поради лошата состојба може да се преуреди во мултимедијален простор во кој ќе има можност да се одржуваат дебати, изложби, дискусии.

– Тој треба да биде од интерес за општинските власти со што би помогнале киното да продолжи да живее како заедничка содржина на сите станари, а не да се претвори во простор кој е мамка за станарите за присвојување во приватни цели, изјави Ивана Васева, кураторка на проектот „Кога зградите би зборувале“ кој ќе се одржи викендов во киното на Железничка зграда во Скопје.

Дводневниот настан опфаќа панел-дискусија утре од 11 часот, со гостите од градовите-партнери на проектот, Белград и Загреб, и професори од Архитектонскиот факултет од Скопје, а ќе учествуваат и тројца станари на зградата. В недела, пак, од 12 часот ќе има перформанс кој е дел од придружната програма на фестивалот „Млад отворен театар“, а учествуваат актерките Кристина Леловац, Сања Арсовска, Јасмина Василева и Долорес Поповиќ и самите станари.

Комплексот Железничка колонија бил изграден во 1946 година, проектиран од архитект Михаил Дворников во Скопје и претставува прототип на интегрирано живеење во рамките на периметрален блок со централен двор во Република Македонија. Овој тип на станбен блок (Железничка колонија) се гради во време кога Ле Корбизје го гради Марсејскиот блок што претставува културно светско наследство прогласено од УНЕСКО.

Железничката колонија во Скопје е објект наменет за живеење на луѓе вработени во Државна дирекција за железници–Скопје во рамки на сојузната југословенска управа. Објектот е станбен блок со намена живеење, а е организиран со мултиплицирање на повеќе секции околу централен заеднички двор.

– Зградата ја преживеа поплавата во 1962, земјотресот во 1963, па и ланските земјотреси кои ни направија големи штети. Ние тројца кои го одржуваме зеленилото, дел од дрвцата се засадени кога се менуваше локалната власт на минатите избори. Порано имаше во секој ќош липи, но станаа опасност за становите. Сè правиме сами, рече Иван Џијановски кој е еден од станарите вклучен во проектот од самиот почеток.

Проектот „Кога зградите би зборувале“ го покренува прашањето за важноста на јавниот простор, на социјалното домување и колективот воопшто. Подразбира истражување на Железничка зграда во Скопје од ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје, комплексот на згради Белвил во Белград во соработка со партнерот Супервизуелна и Фабриката Пенкала – Мостер во Загреб, во соработка со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб, во периодот од октомври 2015 – септември 2017 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2017 02:11