Во Македонската опера и балет викендот вкупно осум говорници ќе ги споделат своите приказни за својот личен и професионален успех, со цел мотивација, инспирација и вмрежување на млади луѓе, во рамки на четвртиот „Мотивациски викенд 4“, во организација на здружението „Младите можат“.
Мотивацискиот викенд е составен од два дела и тоа говори од осум успешни млади лица и четири работилници од успешни компании.
Целта на „Мотивацискиот викенд“ е да се мотивираат младите да работат на себе, на приватен и професионален план и да се запознаат со неформалното образование.
Настанот за прв пат е организиран во март 2014 како иницијатива од страна на шест млади ентузијасти, во рамки на проектот „Make a Change: BE A VOLUNTEER“ и продолжува како Мотивациски викенд организиран во септември 2014 и Мотивациски викенд 3 во 2015 година. Вкупно на трите настани досега присуствувале над 600 млади луѓе.