Согласно законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден почнувајќи од денеска доколку временските услови тоа го наложуваат, информираше компанијата „Балкан Енерџи груп“, која е давател на услугата централно греење во Скопје.

Компанијата апелира станарите да ја проверат внатрешната инсталација, а куќните совети и управителите на згради да овозможат непречен пристап на службените лица до потстаниците за да може грејната сезона да започне навремено. Исто така, треба редовно да се плаќаат сметките за електрична енергија за потстаниците, за да не биде исклучена струјата, без која потстаниците не би можеле да функционираат.

БЕГ испратило писма до сите заедници на станари, односно до фирмите кои управуваат со станбените единици, за нивните обврски за непречен почеток на грејната сезона, но во околу 200 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, поточно има дефекти во внатрешната инсталација, оневозможен е пристап на екипите до топлинските станици или нема електрична енергија во потстаниците.

За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02/3076-200.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2017 20:30