Со промотивно-едукативен настан кој денеска се одржа во Градски парк во Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство го одбележа Светскиот ден на борба против беснило, болест еднакво опасна за животните и луѓето.
Од претставниците од Фекултетот за ветринарна медицина, од Ветринарната комора на РМ и ветеринарните друштва, беше упатен апел до сите граѓани кои чуваат миленици кучиња и мачки, да бидат одговорни сопственици, да ги вакцинираат животните против беснило. На таков начин, како што беше истакнато, ќе го заштитат нивното и сопственото здравје.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанансов истакна дека е законска обврска вакцинацијата против оваа болест и микрочипирањето.
Беснило 2
- Како прв човек на институцијата одговорен и за здравјето на животните, но и како љубител на животни, апелирам граѓаните да бидат одговорни сопственици, не само затоа што законите не обврзуваат на тоа, туку затоа што чувањето домашни миленици треба да биде и општествено позитивна и индивидуална сатисфакција. Одгледувањето на животните не е и не смее да биде само забава или тренд. Тоа носи и обврски и одговорност, пред се грижа за нив и заштита на нивното здравје, зашто така ќе бидеме одговорни и кон сопственото и кон здравјето на нашите најблиски, рече Атанасов.
Додаде дека нивната Агенција и оваа есен ќе ја реализира кампањата за вакцинација на лисиците против беснило со авионско фрлање мамки на целата територија на Република Македонија зашто, рече, иако оваа болест кај нас засега е ставена под контрола, превенцијата секогаш е неопходна.
Граѓаните заедно со своите миленици ги посетија ветеринарните друштва кои беа дел од настанот и кои покрај совети за милениците вршеа и бесплатни прегледи, а најголем интерес имаше за обезбедување ваучери за попуст за вакцинација на милениците против беснило.