Штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор – Business Run 2017 ќе се одржи денеска на рекреативната патека на кејот на Вардар во Скопје.

Трката ќе биде штафета со четири измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга осум километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2.000 метри.

Организатор на трката e здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, од каде информираат дека за сите учесници на трката, претходно се организира забава за запознавање и дружење, која иницирана од трчањето, може да донесе нови деловни релации за бизнис заедницата во нашата земја.

Најбрзите три тимови на Business Run 2017 ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, како и со вредни подароци за тимот, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, оние кои истрчале најбрз круг.

Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух помеѓу вработените.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2017 21:16