Инклузија на лицата со Даунов синдром во образовниот процес побараа денеска учесниците на Октомврискиот марш, со кој почнува месецот посветен на јакнење на јавната свест и знаење за оваа категорија граѓани.
Од градскиот плоштад „Гоце Делчев“ учесниците во маршот замина во обиколка на централното градско подрачје и повторно назад, испраќајќи ја пораката дека лицата со Даунов синдром се исти како останатите граѓани во општеството.
– Заедно со граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“ го донесовме маршот во Струмица. Ова е првпат да се организира во Македонија, овој настан кој се случува во повеќе европски градови. Нашата порака е јасна, дека лицата со Даунов синдром се тука и треба да ги имаат и истите права како останатите граѓани, тргнувајќи од образовната инклузија, рече Анче Туфекчиева од Здружението на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица.
Во Струмица почна инклузијата на лица со Даунов синдром во редовната настава, а едно од првите е ООУ „Сандо Масев“.
– Првите искуства се необични. Со самиот факт што ние вклучивме лица со Даун значи дека сме подготвени да се носиме со предизвиците. Нашето училиште поминува во втор модул во процесот на инклузија што значи дека наставниците од прво до деветто одделение максимално се запознати и со начините, условите и можностите кои треба да ги пружаат на децата од таков тип, истовремено водејќи сметка за еден нормален воспитно-образовен процес, како парелелна интеграција со останатите ученици, рече Драгица Спасова, директорка на ООУ „Сандо Масев“ од Струмица.
Таа смета, дека потребни се многу промени во целиот образовен процес, и активна вклученост на сите институции, во насока на создавање образовен процес кој ќе им го истрасира патот на лицата со Даунов синдром, не нарушувајќи процесот на редовната настава.
Од граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“ велат дека ќе продолжат со активизмот за вклучувањето на поединците или групите во нешто полезно за општеството.
– Сакаме тука да ги размрдаме граѓаните, не само струмичани, туку цела Македонија, да се вклучат и да помогнат на било кој начин на лицата со Даунов синдром и нивна инклузија. Тоа е важно за сите граѓани на оваа земја, истакна Игор Ангелов, од иницијативата „Мрдни со прст“.
Во склоп на маршот, граѓаните донираа училишен прибор наменет за лицата со Даунов синдром.