Планинари од Делчево, Виница, Берово и Велес викендов го искачија Чупино Брдо 1.725 метри, вториот врв по висина на Плачковица

Како што истакна Љупчо Чучуковски од Планинарското-спортско друштво (ПСД) „Голак" , планинарите поминале 13 километри.

- Акцијата почна од виничкото село Блатец на 696 надморска висина, одеа преку Османова Бавча, Валог, 1.350 метри надморска висина, и Кадрова бавча, до врвот Чупино брдо. Маршрутата е со релативно куса должина, но има поголема висинска разлика и е подолго времето за искачување, околу три часа, и за симнување два часа, рече Чучуковски.

Целта на „Голак" е да ги промовира планините во Источна Македонија како атрактивни дестнации за планинарење.

- Овие планини во Источна Македонија заслужуваат да бидат посетувани од планинарите, бидејќи имаат свои карактеристики и изобилуваат со убави пејсажи, интересни историско-културни и природни знаменитости. Даваме до значење овие места да се посетуваат и да го омасовиме планинарството на овие наши планини, додаде Чучуковски.

Следната планирана дестинација на делчевските планинари е врвот Лисец на Осоговските планини кој ќе се искачува од кратовска страна.

ПСД „Голак" ќе ја реализира акцијата со Здружението на резервни офицери на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2017 13:24