На први декември се извлекуваат групите за Мундијалот во Русија, а пласман досега имаат обезбедено осум екипи.

Единствена европска селекција која засега низ квалификациите обезбеди пласман е Белгија во групата Х, која има седум победи и едно реми, а останатите седум екипи кои се пласираа се: Бразил, Иран, Мексико, Јапонија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија и селекцијата на Русија, која е автоматски учесник.

Интересно е да се види што ќе се биде со репрезентациите коишто секогаш важат за фаворити на големите натпреварувања, како што се Холандија или Аргентина, а коишто доста се мачат во овие квалификации.

На Србија ѝ треба уште една победа за да ја чекира картата за Русија. Таа има 18 бодови, пред Велс, кој има 14 и Ирска со 13 бода. Србија има подобра гол-разлика од Ирска (17/7 наспрема 9/6), додека Велс има 12/7.

Во последното коло на групата Д во понеделник Србија ќе игра против Грузија на домашен терен. Велс и Ирска во дербито на Островот ќе имаат повеќе причини за загриженост бидејќи нивното последно коло ќе ги одлучи патниците за Мундијалот ако Велс не победи во претпоследното.

Повредата на Герет Бејл претставува дополнителен проблем за екипата на Крис Колман за обезбедување директен пласман на Мундијалот.

Преостанатиот натпревар од последното коло го играат отпишаните Австрија и Молдавија.

Учесниците од останатите групи на европските квалификации им гледаат во грбот на водечките: Франција (17 бодови, група А), Швајцарија (24 бода, група Б), Германија (24 бода, група Ц), Полска (19 бода, група Е), Англија (20 бода, група Ф), Шпанија (22 бода, група Г), Белгија (22 бода, група Х), а најнеизвесно е во последната група И, во која за директен пласман се борат дури четири екипи: водечката Хрватска со 16 бодови, но и Исланд (16), Турција и Украина(по 14 бодови).

Од деветте европски групи, осумте второпласирани тимови ќе одат во бараж, а една селекција со најмалку бодови меѓу второпласираните ќе испадне. Таа позиција моментно ја зазема Велс. Освен тоа, се изземаат победите над најслабите екипи од групите, па наредните неколку денови ќе има дополнителни промени.

Ждрепката за баражот е на 17-ти октомври, а европски селекции кои може да играат во баражот се: Шведска (16,А), Португалија (21, Б), Северна Ирска (19, Ц), Велс (14, Д), Црна Гора (16, Е), Словачка (15, Ф), Италија (19, Г), Босна и Херцеговина (14, Х) и Исланд (16, И). Европа има 14 места на Мундијалот од 32 репрезентации, но интересно е тоа што меѓу набројаните досега ја нема Холандија. Холанѓаните се трети во групата А, зад Франција и Шведска, само со 13 освоени бодови од осум кола.

Доколку во наредниот натпревар со Белорусија не успеат да му парира на резултатот кој ќе го направи Шведска против Луксембург, ги губат шансите да се најдат во Русија следната година, иако во последното коло играат токму против Шведска.

Досега имаше и некои неочекувани резултати, па Швајцарците по осум одиграни кола, покрај Германците, се единствени со максимални осум победи, а изненадувањето на минатогодишното Европско првенство, Исланд ќе го осигури баражот со победи против Турција и Косово.

Првите рунди од баражот се играат од деветти до 11-ти ноември, а реваншите од 12-ти до 14-ти.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/10/2017 12:42