Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија ШК „Алкалоид“ и актуелен Европски клупски шампион, оваа година повторно патува на најсилното клупско шаховско натпреварување со амбиции за висок пласман. Турнирот ќе се одржи од 8 до 14 октомври во Анталија, Турција.
Од Алкалоид АД Скопје соопштија дека по историскиот резултат со освојувањето на шампионската титула минатата година, ШК „Алкалоид“ повторно има за цел освојување една од медалите.
Најсилен конкурент и рејтинг фаворит на турнирот е екипата на „Globus“ од Русија (поранешен „Siberia“, која беше шампион 2015 година), а следат „Mednyi Vsadnik“ и „Legacy Square Capital“ исто од Русија, потоа освојувачите на шампионската титула во 2013 „AVE Novy Bor“ Чешка и „Odlar Yurdu“ од Азербеџан.
Составот на „Алкалоид“ е ист како претходната година, по двајца врвни велемајстори од Кина, Украина и Русија: Динг Лирен, Ју Јангџи, Елјанов Павел, Јаковенко Дмитриј, Андреикин Дмитриј и Круворучко Јуриј, како и македонските шахисти: Панчевски Филип, Недев Трајко и Јаќимовиќ Драгољуб.