Две малолетни лица се хоспитализирани на скопските клиники, а едно во гостиварската болница, по тепачка која попладнево избила меѓу две групи во кругот на средното економско училиште. Мотивите и бројот на учесниците во тепачката ги истражува гостиварската полиција.
Од СВР Тетово потврдија дека дошло до нарушување на јавниот ред и мир во кругот на општинското средно економско училиште-Гостивар со тепачка на две групи, едната од село Чегране, а другата од село Врапчиште. Според првичните наоди на полицијата, во физичката пресметка учествувале повеќе од дваесет лица, меѓу кои повеќето биле ученици. Групите се степале со клоци и тупаници, а користен бил и остар предмет, најверојатно нож.
- Во тепачката две лица едното на возарст од 16 години, а другото на 17, биле пренесени со повреди во градите, односно грбот во гостиварската болница, а отаму на скопските клиники. Со повреди се задобило уште едно лице на возраст од 18 години, кое е задржано во гостиварската болница, информираат од СВР Тетово.
Во тек е увид по кој ќе биде појасно кои се мотивите за тепачката и кој сé учествувал во неа.