На пет локации во Скопје на 17 октомври по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата граѓаните ќе можат да донираат храна за бездомниците и за загрозените семејства, во рамки на хуманитарната акција „Нахрани 1.000“.

Организаторите посочуваат дека граѓаните можат да донираат храна со подолг рок на траење, како ориз, грав, сол, шекер, брашно, тестенини, зејтин, грашок, конзервирана риба, супи, бисквити, конзервирано овошје и зеленчук…

Штандови каде ќе може да се донира храната ќе бидат поставени на плоштадот Македонија, пред Сити Мол, пред Веро маркетот во Аеродром, пред Домот на градежници во Центар и пред маркетот Тинекс во Ѓорче Петров.

Целта на оваа акција, како што посочуваат организаторите, е поттикнување на солидарноста, како и подигнување на општествената свест за донирање храна на оние на кои таа им е најпотребна, секој ден.

Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“, вели дека акцијата е мотивирана од анализите кои покажале дека околку 445 илјади граѓани во Македонија не можат да си дозволат повеќе од еден оброк дневно.

Оваа бројка, како што појасни Тони Станковски од здружението на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени лица „Љубезност“, исто така еден од организаторите, може да биде променлива со оглед на тоа што, вели, се базира на бројките од последниот попис.

Статистичките податоци кои покажуваат дека околу 21 процент од населението е во ризик од сиромаштија се сметаат врз последниот попис и затоа, како што потенцира, може и оваа бројка од 450 илјади да не е точна.

Организаторите апелираа граѓаните што помалку да фрлаат храна и да се обидат вишокот да заврши кај оние на кои им е најпотребна.

Организатори на акцијата, покрај Ајде Македонија, и „Љубезност“, се и Црвениот крст на Град Скопје, Сојузот на извидници на РМ и организацијата АДРА.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2017 13:33